Разделбата на крајот беше неизбежна.
Кон крајот на минатата година Диего Коста и Атлетико Мадрид ја завршија соработката на мирен начин, но се чини дека во соблекувалните на „Ванда Метрополитано“ се случувале многу чудни работи во претходните шест месеци.
Коста и Атлетико Мадрид спогодбено го раскинаа договорот кој траеше до јуни 2021 година, а лидерот во Ла Лига му се заблагодари на фудбалерот за се што направи за клубот и му посака среќа во кариерата.
Но, шпанскиот новинар Хосе Рамон де ла Морена, тврди дека односот воопшто не бил толку хармоничен.
– Диего беше во многу непријатна ситуација со клубот од пред почетокот на сезоната. Диего Симеоне се обиде да му помогне, но ставот на Коста беше индолентен. Тој стануваше токсичен за соблекувалната, а за време на преговорите за предвремен прекин на соработката се биде да го наплати целиот договор – вели Де ла Морена.
Работите дефинитивно ескалираа по разговорот на Коста со спортскиот директор на Атлетико кој му дозволи да замине во Бразил, бидејќи како што играчот напоменал семејни причини, додека од клубот му порачале дека не може да потпише за ниту една екипа која игра во ЛШ или во Ла Лига без обесштетување од 20 милиони евра.
– По тој разговор Диего престана да доаѓа на тренинзите, а Атлетико сакаше да го казни со отстранување од екипата – додава Де Ла Морена.