Српската актерка минатата година се разведе од сопругот Дарио Прпиќ, а според медиумите причина за тоа е неговата љубомора, која не сакала веќе да ја толерира.
Актерката Анѓелка Прпиќ, која на нашата публика ѝ е позната по серијата „Андрија и Анѓелка“, минатата година стави крај на бракот со Дарио Прпиќ, без детално објаснување за причините кои довеле до тоа. Но, сега како што наведува српски „Курир“ таа се решила на таков чекор бидејќи не можела повеќе да ја поднесе тортурата поради неговата љубомора, која со години ја трпела.
Експлицитни сцени
Проблемите започнале речиси на почетокот од нивниот брак, и тоа поради нејзината жешка сцена во која на машина за перење води љубов со Драган Миќановиќ, нејзин сопруг во серијата „Жените од Дедиње“. Откако се појави во популарната серија, Анѓелка ги собра симпатиите на публиката, а сите ги паметат експлицитните сцени кои ги снимала со Миќановиќ. Посебно се прераскажува спорната жешка сцена, а според медиумите токму таа е причината за расправиите и крајот на нејзиниот брак. Имено Дарио почнал да ѝ прави проблеми на Анѓелка уште откако била емитувана епизодата, бидејќи според него таа ги надминала актерските рамки и премногу се внесла во сцената.
Како што откриваат луѓе блиски на двојката, Дарио велел дека по изразот на лицето на сопругата видел дека таа уживала и тврдел дека добро ја познавал кога глуми, а кога не. Поради тоа со недели се расправале, а Анѓелка го убедувала дека е во прашање само сцена која морала да ја одглуми и да биде убедлива, но тој продолжил да ѝ префрла.
Љубоморен и на Андрија
Во домот на Прпиќ неколку месеци подоцна се случиле нови проблеми, бидејќи на Дарио тешко му паднала нејзината улога во серијата „Андрија и Анѓелка“, и наводно бил љубоморен на Андрија Милошевиќ, кој го глуми нејзиниот партнер во серијата.
Анѓелка неодамна јавно прозборе зa својот пропаднат брак, и истакна дека „разводот не значи војна“.
– Откако се разведов ми се смени секојдневието. Сега сум во нови околности. Мене ме смирува и ме прави среќна што со Дарио ги задржавме добрите односи, јас одржувам контакт со татко му и сестра му, тој со моите родители и брат ми. Ние веќе не сме љубовна двојка, но сме родители и пријатели, и тоа ќе останеме засекогаш. Се надевам ќе бидеме сè подобри во тие други улоги. Нашиот осумгодишен син Јакша е среќен што има жив, здрав и за него многу заинтересиран татко. Тука ништо не се смени и тоа е најважно – изјави актерката.