Долго време се веруваше дека природно слабите луѓе се движат повеќе, па можат да јадат што сакаат. Меѓутоа, истражувачите откриле дека е спротивното – тие всушност помалку вежбаат, но и помалку јадат.

Advertisements

Со проучување на исхраната и нивото на енергија на 150 многу слаби луѓе и споредувајќи ги со 173 луѓе со нормална тежина, истражувачите заклучиле дека природно слабите луѓе имаат 23 отсто помалку физичка активност и поминуваат повеќе време седејќи или лежејќи. Тие јаделе и 12 отсто помалку храна. Студијата траела две недели.

Истражувачите откриле дека послабите луѓе имаат побрз метаболизам во мирување, што им помогнало да согоруваат повеќе калории надвор од физичката активност отколку просечниот човек.

– Резултатите беа вистинско изненадување. Честопати кога луѓето разговараат со слаби лица, слушаат дека тие јадат што сакаат и кога сакаат. Но, нашата работа покажа дека тие всушност јадат многу помалку од луѓето во опсегот на нормалниот индекс на телесна маса – изјави професорот Џон Спајкман од Универзитетот во Абердин, кој го водел истражувањето.

Истражувачите го проучувале метаболизмот на слабите луѓе, како и работата на нивната тироидна жлезда, генетиката и други аспекти, а веќе пронашле некои генетски недостатоци кои би можеле да објаснат зошто овие луѓе потешко се здебелуваат.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека природно слабите луѓе можат да се извлечат без премногу вежбање, врз основа на нивната мала телесна тежина и намален апетит, бидејќи во истражувањето покажале помал лош холестерол од луѓето со нормална тежина.

Истражувањето е објавено во магазинот „Сел метаболизам“.