Археолози пронајдоа огромен тунел под храм којшто датира од Древен Египет и веруваат дека тоа можеби водело и води до гробницата на Клеопатра Седма.

Египетското Министерство за туризам и антиквитети објави дека тунелот е долг 1.300 метри и се наоѓа на длабочина од 13 метри под градот Тапосирис Магна, недалеку од Александрија, основан во 4. век п.н.е. Се смета дека подоцна тука, владетелката и нејзиниот љубовник, римскиот војсководец и принкепс Марк Антониј, биле погребани по нивната смрт. Исто така, се наведува дека тунелот бил откриен 20 метри под храмот на Озирис, египетскиот бог на подземјето.

Тунелот го пронашол водечкиот археолог на доминиканско-египетската експедиција, Катчеен Мартинез, која повеќе од 15 години ја бара гробницата на Клеопатра во Тапосирис Магна. Таа и нејзините колеги веќе пронајдоа тајни премини и разни богатства во храмот, вклучително и збирка монети со името и ликот на Клеопатра.

Новооткриениот тунел што археолозите го оценија како „геометриско чудо“, е многу сличен на тунелот Евпалинос на островот Самос во Егејското Море.

Научниците сѐ уште расправаат дали Клеопатра навистина била сместена тука, па не е сигурно ни дали овој тунел навистина ќе помогне во наоѓањето на гробницата на последната кралица на Древен Египет. Во меѓувреме, бројни земјотреси ја потресоа областа и тоа ги отежнува ископувањата. Делови од неодамна откриениот тунел сѐ уште се под вода.