Критиките за манифестацијата на 20 -годишнината од Охридскиот договор во времето на пандемијата, првиот вицепремиер, Артан Груби, ги нарече неосновани, бидејќи, како што вели, манифестацијата ќе се одржи со почитување на протоколите за заштита од корона вирусот , но сепак концертот ќе биде откажан.
„Главниот настан на 13 август кој ќе се одржи во „Александар Палас“ ќе биде согласно предвидените протоколи на Министерството за здравство и Комисијата на Министерството за здравство, односно во сала со капацитет за над 1.500 лица, нема да има повеќе од 200 присутни, сите ќе носат маски, ќе им се мери температура и ќе ја држат потребната дистанца. Додека, последната манифестација со која сакавме да го заокружиме одбележувањето на Охридскиот договор, големиот концерт на плоштадот „Македонија“ одлучивме да го откажеме поради порастот на бројот на заразени со коронавирус.“, вели Груби.
Вицепремиерот ова го изјави по панел дискусијата на тема „По две децении, дали Рамковниот договор е тесен едно општество целосно отворено и еднакво?“, во организација на Универзитетот на Југоисточна Европа, чиј ректор, Абдулменаф Беџети рече дека ништо не е совршено и дека може да се направи подобро.
-Имавте можност да ја проследите оваа дебата. Проценките и дилемите од разни аспекти придонесоа за оваа дебата да биде што попродуктивна и поконструктивна, бидејќи ништо не е совршено, сѐ може да стане уште подобро-вели Беџети.
Од друга страна, вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Груби ја истакна важната улога на УЈИЕ уште од неговото основање, во насока на спроведувањето на начелата на Охридскиот договор во однос на обезбедување на еднаквост и право на високо образование на мајчин јазик.
-Секогаш велам дека спроведувањето на Охридскиот договор е секојдневно и вечно и никогаш не може да заврши, бидејќи станува збор за спроведување на Уставот и законите кои се наша обврска како граѓани, и институции. Секогаш има простор да се направи повеќе како во насока на рамноправна застапеност, така и во еднаквиот регионален развој, но заедно со советите на г.Беџети развиваме модел за правичен регионален развој, како и распределба на буџетските добра-рече Груби.
Груби уште еднаш ги повика сите лидери, особено оние од опозицијата, да присуствуваат на манифестацијата по повод 20-годишнината од Охридскиот договор, истакнувајќи дека договорот им припаѓа на сите политички партии.