Поранешната министерка за култура Ганка Самоиловска-Цветанова на социјалните мрежи реагираше откако министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за тамошни медиуми изјави дека би требало во Македонија да има и Бугарски културен центар, ако се најавува отворање на Српски културен центар.
-Кажете и на Захариева дека во Македонија постои Бугарски културен центар отворен како резултат на Договорот за културна соработка меѓу Македонија и Бугарија потпишан во 2002 година“, напиша Цветанова.
Кажете ѝ на @EZaharievaMFA дека во Македонија постои бугарски културен центар отворен како резултат на Договорот за културна соработка помеѓу🇲🇰и 🇧🇬 потпишан во 2002 г. од моја страна, како министер за култура, и тогашниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси. https://t.co/FpAsAc31Ss
— Ganka Cvetanova (@gankacv) February 3, 2021
Инаку, Захариева во интервјуто за емисијата „Контракоментар“ на блогерот Асен Генов ваквата изјава ја даде по најавите на премиерот Зоран Заев за воведување на изучувањето на српскиот јазик како изборен предмет и отворање на Српски културен центар во државава. Тој ова го кажа во честитката за српскиот празник „Свети Сава“.
Захариева меѓудругото во тоа интервју изјави:
–Бугарската влада не реагираше официјално за изучувањето на српскиот јазик во С. Македонија, бидејќи тоа е внатрешно прашање, ние не можеме да се мешаме за воведувањето српски јазик и отворање нивни културен центар. Само сакаме да има и Бугарски културен центар.