Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе го даде на Уставен суд своето мислење по однос на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, откако денеска претседателот на државата Стево Пендаровски го потпиша указот, изјави за МИА претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Од ДКСК се категорични дека ќе ги користат сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат. Ивановска, претходно на прес – конференција денеска потенцира дека охрабрува тоа што претходниот пат кога Пендаровски, како што рече, покажа зрелост да не го потпише Законот за правен статус на бесправно изградени објекти и како што рече, „ако е во функција на одбрана на својот интегритет, очекуваме и овој Закон да не го потпише бидејќи има сериозни уставни прекршувања“.