Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.
Текстот Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните е превземен од МАКФАКС.























