– Бугарската гранична полиција денеска не дозволи влез на осуммина шпански државјани во земјата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие пристигнаа денеска на аеродромот во Софија, но не им беше дозволено да влезат во Бугарија, бидејќи Шпанија е во „црвената“ ковид зона.
Тројца од осумте шпански државјани ќе бидат вратени во Шпанија. Шпанските граѓани патуваа со нискобуџетната компанија „Рајанер“.
Тројцата шпански државјани се наоѓаат на аеродромот во Софија и чекаат да бидат вратени во својата земја. Ова за БНР го соопшти Ангел Митов, оперативен директор на „Суиспорт“, кој го опслужува „Рајанер“ на бугарските аеродроми.
Шпанците патувале на фестивал во Србија и транзитирале низ Бугарија. За петмина од нив, српските власти гарантираа дека ќе ги изнесат од Бугарија, обезбедувајќи им превоз за да стигнат до фестивалот. Шпанските државјани слетаа на аеродромот во Софија со лет од Барселона во 15:30 часот.
Граѓаните, кои биле запрени од Граничната полиција и за кои нема лет веднаш, мора да го чекаат следниот лет за да се вратат. На аеродромот во Софија има простории кои се специјално наменети за такви патници, каде им се обезбедува храна и вода.
Според актуелните мерки во Бугарија, на странци од земја во „црвената зона“ не им е дозволено да влезат во Бугарија. (МИА)