Остра реакција на синдикатот на управата на правосудните органи и здруженијата на граѓани по изјавата на премиерот Заев дека корупцијата не е во високите ешалони на власта туку ја има кај административните службеници. Првиот човек на УПОЗ Пеце Груевски е изненаден од ваквата изјава на Заев и вели дека со ова и натаму се врши етикетирање на администрацијата, овој пат и дека е корумпирана.

„Не можам да претпоставам дали е несреќно дадена изјава, гаф на премиерот, меѓутоа подолг период се случува да се напаѓа администрацијата. Ние ќе бараме средба во секој случај не само за ова туку и за други прашања. Мислам дека со вакви изјави во иднина не смее да се карактеризира администрацијата. Ова е страшно и целата вина за состојбите и корупцијата и неефикасноста во работењето се фрла само на една категорија работници“, посочи Пеце Груевски.

Ако администрацијата е корумпирана а не високите ешалони на власта, тогаш зошто се отвораат случаи на корупција токму за министрите и директорите, прашуваат од УПОЗ. Верица Тасева синдикат на правосудството бара да се даде конкретна бројка и на кого точно мисли премиерот.

„Вработените во правосудството, овде мислам на вработените во судската служба и на јавно-обвинителската служба се изненадени од ваквата изјава и очекуваме конкретни докази, во смисла на конкретна бројка и процент на вработени во овие служби против кои што постојат правосилни одлуки за некој што бил осуден за дело поврзано со корупција“, вели Верица Тасева.

Реагираа и од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Остро се спротивставуваме на изјавата на премиерот Заев кој манипулира со јавноста и со тоа врши притисок врз администрацијата, а доколку тоа продолжи ќе излезат на протести, велат од ова синдикални здружение.

„Самата корупција потекнува од избраниците на премиерот, кои пак вршат политички притисок врз вработените во јавниот сектор. Корупцијата никогаш не може да се случува од доле па нагоре, туку обратно, бидејќи јавните набавки и тендерите се во рацете на функционерите кои што се избрани од страна на Владата. Немојте вработени во администрацијата да ги ставате во неповолна ситуација само за вие да се извлечете, бидејќи тоа нема да ви помине“, велат од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Самата дефиниција дека корупцијата претставува злоупотреба на функцијата, јавна должност или службено овластување не секогаш значи дека корупцијата е класично примање мито. Станува збор за таков вид на корупција за која третиот ешалон не е во позиција да ги извршува велат од Антикорупциска.

„Состојба кои произлегуваат од постапките што ДКСК ги води и за кои постојано укажува на своите јавни седници говорат за утврдени состојби на злоупотреба на функции од страна на пратеници, министри, директори, членови на управни и надзорни одбори при вработувања на свои блиски лица или членови на политички партии, суптилно договарање на критериуми за избор на економски оператори при доделување на договори за јавни набавки, влијание на градоначалници при одредување на габарит на одредени објекти при носење на ДУП-ови, политички несогласувања и пазарења при избор на членови на разни регулаторни тела, судови, совети и така натаму“, велат од Антикорупциска комисија.

Премиерот Заев во понеделникот изјави дека Антикорупциска не секогаш е во право и дека главната корупција не е во министрите или директорите, туку во третиот ешалон, односно администрацијата. Тој ова го изјави откако американскиот Стејт департмент го објави извештајот во кој се наведува дека главен проблем во Македонија е корупцијата.