Собранието се уште не ја добило оставката на министерот за здравство Венко Филипче, но и на неговиот заменик Хасани, за кои ВМРО-ДПМНЕ побара премиерот Заев да ги достави до Собранието. Ова за 10 минути на ТВ21 го изјави пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Тој вели дека ова е сепак обид на Заев да се одолговлечи целата оваа работа и обвинува дека фактот што се уште не ја прифаќа оставка во позадина стојат тендерите во здравство.
„Оставка на пример пред година и половина поднесе тогашниот заменик министер за образование Петар Атанасов која што оставка беше многу брзо, за ден-два процесуирана во Собранието и истата беше констатирана. Оставка поднесува Венко Филипче но гледаме дека и по речиси 10 дена од поднесувањето на оставката не е истата доставена до Собрание. Цениме дека Министерството за здравство како институција која што располага со голем фонд и многу тендери е причината зошто Заев прави обиди да го задржи Венко Филипче на местото од кое што тој самиот поднесе оставка“, рече Милошоски.
Иако во јавноста постоеше сомневање дали и воопшто се поднесени оставките не само на министерот Филипче туку и на заменик министерот Илир Хасани, но портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера потврди дека оставките се депонирани.
„Оставките на министерот и заменикот министер за здравство се доставени до премиерот и се архивирани. Содржината на оставките не отстапува од она што веќе двајцата јавно го споделија“, рече Арсовски.
Милошоски, за изјавата на Заев дека ќе се произнесе по оставките откако ќе заврши истрагата е само обид за манипулација.
„Оставката на министерот Филипче е објективна одговорност која што треба да се констатира затоа што се случи една голема здравствена и човечка катастрофа во неговиот ресор. За субјективната одговорност дали тој има некаква кривична одговорност по однос на изградбата на модуларните болници или можеби некој друг има некој таква одговорност, тоа си е дел на истрагата. Затоа мислам дека оставките не треба да бидат поврзани со истрагата.“, изјави Милошоски.
Од страотниот пожар на модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица поминаа 8 дена, но засега се уште не се констатирани поднесените оставки на министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот Илир Хасани и двајцата директори на болницата.