Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.