На првиот училиштен ден градоначалникот на Тетово Биљал Касами преку општинско соопштение информираше за сработеното во училиштата во текот на летниот распуст и им посака успешна учебна година на учениците.

Според Касами, основните и средните училишта на територијата на Општина Тетово сега имаат сосема нов изглед, како однадвор, така и одвнатре – со модерни кабинети, библиотеки, чисти училници, бојадисани ѕидови, нови тоалети и други инвестиции.

-Учениците денес ја започнуваат учебната година во почиста, побезбедна средина и во училници со доволни услови за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес. Во ООУ „Истикбал“ беа бојадисани училниците со боја и лак, заменети се вратите на тоалетот и олуците во централното училиште, а и дел од училиштето во село Лисец. Во ООУ „Наим Фрашери“ е приспособен надворешниот изглед на училиштето. Влезот во училиштето е обоен и уредена е градината. Исто така, бојадисана е и внатрешноста на училиштето и училниците. Наставниците беа снабдени со наставни средства и други помагала и одреден книжен фонд за училишната библиотека. Во ООУ „Лирија“ е направена канализација за атмосферска вода. Во ООУ„Гоце Делчев“ е извршено реновирање на вториот кат од училиштето, вклучувајќи ги училниците и ходникот. Во ООУ „Братство-Миѓени“ се санираше влезот на училиштето, се бојадисаа санитарните јазли, се санираше дворот, додека паралелно во населбата Дреновец беше извршено и бојадисување на училиштето, замена на старите клупи со нови, а кај Спортскиот центар се средуваше дворот, се бојадиса училиштето и се поправија тоалетите, посочи Касами.

Во ООУ„Кирил и Методиј“, како што објави тој, „благодарение на соработката со Јапонската амбасада, заменети се сите училишни прозорци и влезни врати“.

-Дополнително, извршено е и реновирање на санитарните јазли како и целосно реновирање на две училници за да се овозможи квалитетно и соодветно образование. Во ООУ „Ѓерѓ Кастриоти Скендербег“ е извршено молерисување и фасадирање на училиштето. Во ООУ „Рилиндја“ во тек е втората фаза од поставување на парното греење, додека во село Вејце е саниран дел од водоводната мрежа на училиштето. Во ООУ „Прпарими“ во соработка со нашите иселеници се огради училишниот стадион, поставени се нови стативи, одбојкарски мрежи и табли за кошарка. Овој терен веќе стана мултифункционален за учениците од ова училиште, се вели во соопштението на градоначалникот.

Интервенции се направени во средните училишта.

– Во средно економско училиште „8 Септември“ се изврши приспособување на влезот на училиштето. Извршено е поставување на плочките на училишниот ходник, а се работеше и на отворање нови канцеларии и поставување огради на итни скали. Во гимназијата „7 Март“ извршено е уредување и малтерисување на простори во училниците и ходниците. Дополнително, беа проширени две училници. Обоени се и канцелариите, ходниците и сите училници, како и околните ѕидови на училиштето. Во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ бојадисани се училниците, завршена е влезната обвивка на училиштето како и доизградба на вториот информатички кабинет благодарение на донацијата на УЈИЕ со 40 компјутери за ова училиште, се вели во соопштението.

Во рамки на Општина Тетово, во 12 основни училишта учебната година  ја почнуваат 991 прваче од кои 789 на албански наставен јазик, 185 на македонски наставен јазик, седум на турски наставен јазик.

Минатата учебна година, на 31 август 2022 година, Секторот за јавни и дејности имаше евидентирано 1033 првачиња.

Наставата во прва година средно училиште ќе почнат 1195 ученици. Минатата 2022/2023 на почетокот на школската година имаше запишано околу 800 ученици.