Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека живее само од функционерската плата и тој приход му е многу важен. Османи има разбирање за поплаките на граѓаните дека тешко се живее со ниски плати, но не се согласува со други политичари кога ќе речат дека платата не им е важна.

Прашан од новинарите за став во врска со најавената корекција на функционерските плати, кои од март ги примаат зголемени за дури 78 отсто, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи  изјави дека тој живее само од платата, но нагласува дека приоритетот треба да биде стандардот на граѓаните, на оние со ниски плати.

„Не сакам да бидам разбран како популист, но не мислам дека е за фалење кога политичарите велат дека не им е важна платата бидејќи со тоа на некој начин кажуваат дека не живеат само од платата“, рече Османи.

„Се согласувам дека приоритетни треба да бидат сите оние граѓани чии плати се околу минималната плата, зашто тешко се живее во време на инфлација и поскапувања“, рече министерот.