Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со предложената Резолуција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата вели дека проблемот не го гледа во содржината, туку во формата за усвојување на Резолуцијата без консензус на политички партии.
-Важно беше иницијативата во Собранието да биде донесена со консензус, затоа што макотрпно работевме во овој период да изградиме државна позиција по однос на овие сензитивни прашања коишто имаат елементи на етнички позиции, истакна министерот Османи за Сител телевизија. „За нас како дипломатија беше многу лесно кога зборувавме во име на сите граѓани, без ниедна дисонантност. И јас од тука се плашев дека кое било дерогирање на државната позиција во етничка позиција може да ни ги ослаби позициите“, изјави министерот.
-Замислете оваа резолуција да помине во Собранието без гласовите на пратениците од другите етнички заедници. Каква порака даваме пред Бугарија, каква порака даваме пред светот – дека имаме етнички позиции. За мене беше клучно дека не смее да се донесе Резолуција ако нема поддршка од сите политички партии затоа што тука почнува проблемот, вели Османи.