„Носењето на одговорност за сите злосторства врз цивилно население, не само во Украина, било каде во светот, е прашање кое што е важно за да се спречат таквите случувања во иднина“.

Овој став шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, го кажа во интервју за Гласот на Америка, за време на работната посета на САД.

„Тоа што го гледаме во Украина и како наша национална позиција, меѓутоа и како претседавачи на ОБСЕ, ние мора да ја испратиме пораката и мора да бидеме заедно со сите држави кои што мислат дека не може да нема одговорност за сите чинители на злосторства не само како одговорност кон цивилите и граѓаните на Украина, туку како одговорност кон иднината и потребата за спречување на такви случувања повторно“ вели Османи во интервјуто.

Шефот на дипломатијата уште еднаш ја потврди македонската цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и осуда за руската воена инвазија. Северна Македонија минатата недела се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.