Шефот на дипломатијата Бујар Османи, за време на работната посета на Брисел во интервју за „Агенција Европа“ изјави дека отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија ќе и овозможи на ЕУ да го задржи својот кредибилитет во регионот, кој во моментов е под притисок.
Во однос на шансите за одржување на првата меѓувладина конференција во декември, Османи рече дека „по конструктивниот ангажман што го покажавме во овој период, а исто така размислувајќи за последиците по кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, Бугарија ќе го тргне ветото и би можеле да го започнеме овој долг процес за членство во ЕУ, што е еден од нај контролираните процеси“.
Можете ли да објасните што се случува во вашата земја?
– Успеавме да ја надминеме малата политичка криза што се случи по локалните избори. Премиерот најави оставка, а тоа создаде простор за политичко маневрирање, вклучително и од некои малигни надворешни влијанија кои поттикнаа формирање на ново мнозинство, барем на хартија, кое можеше да ја загрози не само политичката стабилност, туку и стратешката ориентација на оваа земја. Тој обид за „државен удар“ не успеа.
Во моментов, Владата продолжува да работи со цел да ги реализира нашите стратешки цели и да ја приближи земјата до ЕУ. Работиме на зголемување на мнозинството за да обезбедиме поголема политичка стабилност бидејќи пред нас се многу предизвици и можности; предизвици во однос на справувањето со пандемијата и нејзините социјално-економски последици, но и енергетската криза, како и можности во однос на изгледите за почеток на пристапните преговори во декември и пробив во спорот што го имаме со Бугарија.
Дали мислите дека по изборите во недела во Бугарија ќе биде можно да се продолжи?
Барем ќе има политичка стабилност и предвидливост. Да се има техничка влада толку долго не беше од помош за решавање на проблемот. Се надеваме дека наскоро ќе се формира политичка влада за да можеме да се вклучиме во суштински разговори и да ги надминеме разликите.
Никогаш не престанавме да комуницираме со техничката влада. Ќе продолжиме и во текот на овој месец, пред овој прозорец на можности на 14 декември, пред одржувањето на Советот за општи работи.
Се надевам дека сите ќе бидат фокусирани и конструктивни, бидејќи тоа е во интерес на Бугарија, на стабилноста на регионот, а особено на Европската Унија да го задржи својот кредибилитет во регионот и како глобален играч.
Високиот претставник на ЕУ се надева дека ќе ги има првите меѓувладини конференции во декември. Дали мислите дека ова е реално?
Дваесет и шест земји се залагаат за одржување на Првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро за Албанија и Северна Македонија, а Бугарија стави вето поради разликите што ги имаме.
Се надевам дека по конструктивниот ангажман што го покажавме во овој период, а исто така размислувајќи за последиците по кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, Бугарија ќе го тргне ветото и би можеле да го започнеме овој долг процес за членство во ЕУ, што е еден од нај контролираните процеси. Така, Бугарија ќе продолжи да ја има својата моќ над процесот.
Во заедничката изјава, вашиот премиер, премиерот на Албанија и претседателот на Србија повикаа на поголема соработка со ЕУ додека се чека за влез во ЕУ. Дали мислите дека ова е добра работа или може да биде алтернатива на отсуството на проширување?
Треба да го одвоиме почетокот на пристапниот процес и неговиот конечен исход.
Некои погрешно го гледаат ова како еден неподелен процес. Започнувањето на процесот е најевтиниот начин за Европа да биде активна и ангажирана во регионот. Го чува регионот, го заштитува од надворешни влијанија, но истовремено не значи дека сите земји што ќе ги започнат пристапните преговори ќе станат земји-членки.
И во тоа, мислам, лежи проблемот. Стравот кај Европејците е дека земјите кои не се подготвени да ви се придружат ќе дојдат и дополнително ќе го комплицираат и онака комплицираниот систем на Европската унија. На нашиот народ не им е гајле за правото на вето во идната Европска унија или да имаат уште еден политичар, односно комесар, она за што се грижиме е мобилноста, пристапот до образование, заеми и средства.
Заборавете на конечниот исход и концентрирајте се на почетокот и на самиот процес; процесот е она што е важно, што носи европеизација на земјата. Конечниот исход ќе дојде како логичен чекор кога земјите од регионот ќе станат европски. Формалното пристапување ќе биде помалку важно за Европа и за нас.
Дали мислите дека ЕУ го изгуби кредибилитетот во вашата земја и во регионот?
Мислам дека е во процес на губење. А лакмусов тест за тоа е досието на Северна Македонија. Северна Македонија ги исполни сите можни критериуми, па дури и отиде подалеку, а ова досие не беше признаено и наградено. Значи, во очите на граѓаните од регионот, ако не ни функционираше, зошто би им успеало на нив?
Затоа, ако кредибилитетот на ЕУ пропадне, ќе пропадне поради случајот со Северна Македонија.
Второ, додека европската идеја е победничка и добитнички билет за време на изборите во регионот е добро, во моментот кога ќе почне да ја губи силата како добитен тикет, тогаш ќе имаме националистичка реторика и ќе управуваме со кризи наместо да управуваме со иднината и европската иднина на регионот.
Враќањето на овој кредибилитет бара да им се дозволи на Албанија и Северна Македонија да започнат пристапни преговори. Ова е најевтината инвестиција што ЕУ може да ја направи за да го задржи овој регион да напредува на вистинскиот пат.
Ситуацијата во регионот во моментов е доста комплицирана во моментов (Босна и Херцеговина, Србија/Косово). Дали сте загрижени?
Да, и ние внимателно го следиме ова. Она што ни дава одредена доверба е дека три од шесте земји во регионот се веќе членки на НАТО, а НАТО обезбедува политичка стабилност и предвидливост.
Но, мислам дека не можеме да ги решиме тешките прашања на Босна и односите меѓу Косово и Србија без претходно да се занимаваме со перспективата на Албанија и Северна Македонија за Европската Унија.
Особено Северна Македонија е клучот за отклучување на кризата во Западен Балкан. Кога земјите од регионот ќе видат дека оваа функционална, мултиетничка демократија е успешна, ќе тргнат по тој пат.
Дали мислите дека ЕУ сноси дел од одговорноста за она што се случува во регионот?
Апсолутно да! Сега останува на ЕУ да ги собере силите. Знам дека овие одлуки бараат едногласност, но одговорност на Унијата е да го премине овој Рубикон и да оди на страната на европската стабилност.
И на крај, за Ковид-19, како ЕУ и помага на вашата земја? ЕУ сака да има исто ниво на вакцинација во Западен Балкан како во ЕУ. Па каде сте во однос на вакцинацијата?
Соработката на ЕУ за проблемот со Ковид-19 е успешна приказна.
Не само со вакцинација, туку особено со менаџмент на почетокот, со техничка и медицинска опрема, прва помош, директна финансиска поддршка, 3,3 милијарди евра за регионот од Европската унија за надминување на социјално-економските предизвици. А подоцна преку вакцини. Да, имаше доцнење во испораката, но целиот свет беше во криза, така што разбираме дека ЕУ мораше прво да се обезбеди за себе.
Сега, не се работи за вакцини. Се работи за убедување на луѓето да се вакцинираат. Северна Македонија достигна речиси 50 отсто стапка на вакцинација кај населението. Се надеваме дека оваа бројка ќе се зголеми, бидејќи очигледно ситуацијата се влошува низ цела Европа, па еден ден тоа ќе се одрази и кај нас.