Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од утре ќе учествува на неделата на висок сегмент на 78-то Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк, каде во својство на министер за надворешни работи, но и како претседавач со ОБСЕ, А5 и ПСЈИЕ ќе земе учество на повеќе важни настани.
-Оваа посета се реализира во историски момент за Северна Македонија, кога земјата во исто време претседава со три различни процеси кои се од големо национално значење: ОБСЕ, САД – Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, на кои претседавач е министерот Османи. Во таа насока, Османи ќе предводи важни средби со земјите од А5 САД-Јадранската повелба, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, и повеќе билатерални состаноци со министрите за надворешни работи на повеќе земји. Воедно ќе учествува и на низа други настани на високо ниво организирани од страна на ОН, соопшти МНР.
Делегацијата на годинашниот висок сегмент на Генералното собрание е предводена од претседателот Стево Пендаровски, а Генералната дебата се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно враќање на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.