Вишеградската четворка е пример и инспирација за начинот на кој треба да се одвива регионалната соработка меѓу земјите од Западниот Балкан, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во Познањ, Полска, по завршувањето на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група (В4) и земјите од Западен Балкан (ЗБ6), во својство на претседавач со Фондот за Западен Балкан.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на заедничката изјава за медиумите со министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, и со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан, Османи истакна дека земјите од Западен Балкан имаат извонредна можност да научат од искуствата на Вишеградската четворка.
– Особено во поглед на тоа како, и покрај постоењето одредени разлики, вие сепак успевате да разговарате и да градите заеднички позиции за важни прашања пред важни европски совети и самити, нагласи Османи.
Шефот на македонската дипломатија се осврна и на процесот на проширување, регионалната соработка, како и за очекувањата од претстојното словенечко претседателство со Европската Унија.
– Последните Совети на ЕУ покажаа дека разговорите околу начинот на кој треба да се обезбедат делотворни процеси на пристапување за сите наши земји не се завршени, туку, напротив, можеби само што започнале. Република Северна Македонија искрено се надева дека за време на словенечкото претседателство со ЕУ ќе имаме поподготвен терен за донесување важни одлуки во врска со европската перспектива на земјата и на целиот регион, рече Османи.
Додаде дека на состанокот се согласиле дека не се исполнети сите очекувања бидејќи не беше постигнат консензус за отворање на пристапните преговори и организирање на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија за време на португалското претседателство со ЕУ.
-Од друга страна, беше направен важен исчекор во однос на спроведувањето на новата методологија за преговори преку одржување на првите меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора соодветно во новиот формат. Главната порака што би сакал да ја пренесам од оваа денешна средба е дека и покрај многуте неуспеси во претходните години, процесот на проширување сè уште останува во важност и вреди да се продолжи од страна на аспирантите, но и од самата ЕУ. Тој овозможува повеќекратни придобивки за нашиот континент и сите ќе ги удвоиме напорите за време на словенечкото претседателство со ЕУ да направиме конечен пробив за Северна Македонија и Албанија по ова прашање. Остварувањето активен процес на преговори ќе биде многу важно за квалитетот на реформите на национално ниво и за целокупната позитивна трансформација на регионот, нагласи Османи.
По повод 30-годишнината од независноста на нашата земја, министерот за време на посетата на Познањ, на неговиот колега Збигњев Рау му врачил постхумно признание за Тадеуш Мазовјецки, поранешен премиер на Полска.
-За време на неговиот мандат како специјален известител на Комитетот за човекови права на ОН, Мазовјецки вложи огромен личен напор за поддршка на нашата апликација за членство во Обединетите нацииво раните 1990-ти години, посочи Османи во изјавата.
Состанокот на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан оваа година се одржува во Познањ, во рамките на полското претседавање.
Како што посочува МНР, министрите на маса имаа бројни теми за дискусија, како што се градењето мерки за економско заздравување од пандемијата, продлабочувањето на заедничкиот регионален пазар, инвестициите во образованието, дигитализацијата и другите инфраструктурни проекти и зелени иницијативи, како и други теми од поширок меѓународен карактер, пред се закрепнувањето од пандемијата со КОВИД-19 и ублажувањето на огромните стопански последици од неа.