Во рамки на учеството на Генералната дебата на високо ниво на 78-то Генерално собрание на Обединетите нации, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска со министерката за надворешни работи на ЈАР Греис Наледи Мандиса Пандор ќе го потпишат Комуникето за воспоставувањето дипломатски односи со Јужноафриканската Република. Со ова, како што се наведува во соопштението од МНР, ќе се отвораат можности за продлабочување на разни видови соработка меѓу двете земји.
Воедно, во денешната агенда е предвидено Османи да учествува и на работна средба со земјите од Западен Балкан. Состанокот е организиран од страна на министерот за надворешни работи и заменик претседател на Владата на Италија, Антонио Тајани. Состанокот се одржува во контекст на забрзување на процесот на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, и за поттикнување на регионалната соработка.
Покрај овие настани, денеска Османи ќе учествува и на состанокот наречен „Закана за јавно здравје и безбедноста од синтетички дроги преку глобална соработка“ на покана на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерот Османи ќе присуствува и на одбележувањето на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации.