Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во рамки на Генералната дебата на ОН во Њујорк, учествувал на состанок на министри за надворешни работи од државите на Западен Балкан, во организација на вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.
Како што соопштија денеска од МНР, состанокот се одржал во контекст на засилениот фокус на Италија кон забрзување на процесот на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, како и поттикнување на регионалната соработка.
Министерот Османи нагласил дека Северна Македонија посветено работи на што посеопфатно прифаќање на концептот за повеќе интеграција на државите од Западен Балкан пред полноправното членство во ЕУ.
– Граѓаните треба да ги почувствуваат конкретните придобивки од членството во ЕУ уште додека течат преговорите, а не дури по формалниот влез во ЕУ. Преку Концептот „Интеграција пред членство“, ќе се врати кредибилитетот на проширувањето на ЕУ, а граѓаните ќе ја вратат довербата за успешноста во преговарачкиот процес и предизвиците со кои се соочуваме во текот на интеграцијата, истакнал Османи.
Во фокусот на состанокот и регионалната соработка, се наведува во соопштението од МНР, Берлинскиот процес продолжува да биде сеопфатна регионална иницијатива со најголема политичко-економска тежина, движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво и иницијатор на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и Зелената Агенда.
Министерот Османи го потенцирал значењето на Иницијативата 8 меѓу Италија, Албанија, Бугарија и Северна Македонија, велејќи дека истата претставува одлична можност за унапредување на соработката и поддршка на спроведувањето на паневропскиот Коридор VIII.
– Завршувањето на железничкото и автопатското поврзување значително ќе придонесе за економскиот раст на регионот и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, рекол Османи.