Приштина е спремна да вложи поголеми напори за етничките Срби да се чувствуваат рамноправно, ама кога се работи за имплементирањето на Заедницата на српски општини, мора да се пристапи со внимателност, зашто тој модел не би смеел да наликува на оној од Република Српска. Ова денеска во изјава за „Дојче Веле“ го изјави претседателката на Косово, Вјоса Османи. Таа додава дека ваквите потенцијални „творби“ би донеле регионална опасност и би ја загрозиле Европа, па затоа потребен е прифатлив модел за сите.

Кога станува збор за одржување на избори на северниот дел од земјата, таа вели дека Косово е подготвено да организира избори веднаш, со предуслов во нив да земат учество етничките Срби. Таа го посочи претседателот на Србија Александар Вучиќ дека е виновникот за влошување на состојбата во српските општини, критикувајќи ја меѓународната заедница што молчи, на како што рече – кршењето на договорите од страна на Србија.

-Од 18 март постојано има прекршувања. Никогаш не чувме изјава од европските земји. Мислам дека ова е охрабрување за Србија да не се грижи за тој процес и го поткопува кредибилитетот на процесот на дијалог, изјави Османи.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави на прес-конференција дека синоќа во северниот дел на Косовска Митровица имало вистинска воена опсада, дека косовскиот премиер Албин Курти сака да предизвика војна и да во вакви околности Белград не гледа како може да продолжи дијалогот, јави дописникот на МИА од Белград.

Специјалците на Курти со долги цевки, оклопни возила го окупираа северот на Митровица, дојдоа од јужниот дел на Митровица со над 30 оклопни возила, под маски, со долги цевки. Ја малтретираа цела северна Митровица, создадоа безбедносен обрач, патролираа во центарот на градот, имаа свои контролни пунктови на периферијата на градот, запираа автомобили, ги претресуваа луѓето, ги удираа со пиштоли и пцуеле, се обидеа да уапсат неколкумина, рече Петковиќ.

Тој посочи дека Албин Курти постојано провоцира, и дека цело време сака да започне конфликти и војна.

– Шокирани сме од најавите на САД и Британија, во кои не знам што се бара од Србија, да ги ослободи уапсените таканаречени полицајци, а никој не спомнува дека е неопходно да се ослободат невините Срби. Гледате за какво лицемерие зборуваме. Ние не одлучуваме кога треба да се ослободат полицајците, ние сме правна држава за тоа одлучува обвинителството и судот. Не се одлучува а тоа во амбасади, ниту пак со какво било соопштение, рече Петковиќ.