Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија не е пречка, и не можеме да бараме реципроцитет. Министерот за надворешни работи Бујар Османи нема проблем со новонаметнатиот услов од Бугарија, откако Радев вчера на списокот услови за да го крене ветото за Македонија, го додаде и пописот, алудирајќи на 120 илјади луѓе кои се со бугарски пасош да влезат во Уставот како Бугари.
-Дозволете да кажам едно мое мислење зошто барањето на вклучувањето на бугарската заедница во Уставот не е спротивно на нашите интереси. Зашто сметам дека Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за еден народ во две држави во позиција во којашто велат дека има една бугарска заедница со свои идентитетски атрибури, различни од таа на мнозинската заедница. Република Северна Македонија никогаш немала проблем да признае различни етнички групи коишто имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути, па ниту на бугарската во Република Македонија. Така што, самиот факт што заедно со другите заедници, македонската, албанската, турската, се бара како посебна да се вклучи и бугарската заедница, тоа е на линија на ставот дека во Република Северна Македонија постојат различни етнички заедници кои имаат право да ги искажат своите атрибути, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање во Министерството за надворешни работи.
Сепак, тој вели дека Бугарија не препознава други етникуми во својата држава.
-Република Бугарија согласно нејзиниот устав не препознава, за разлика од нас, организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност. Ниту има турска заедница, ниту има каква било друга заедница зашто уставното уредување е такво да тие не признаваат организирање на етничка основа за разлика од Уставот на Република Северна Македонија којшто познава и признава организирање по етничка основа и затоа тој реципроцитет не е можен, рече Османи.