Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи веќе упатил писмо со честитка до новиот шеф на бугарската дипломатија во привремената влада во Бугарија, Светлан Стоев и очекува состаноци, оваа недела во насока на одржување на Меѓувладината комисија за отворање пат за преговори.
-Уште вчера пратив писмо честитка до новиот министер за надворешни работи изразувајќи желба за скорешна средба со цел да се продолжи со идејата за состанок на Меѓувладината комисија, усвојување на извештаите од досегашната работа на комисиите, усвојување и одобрување на акцискиот план. Мислам дека се ова важни чекори во понатамошното имплементирање на Договорот, во градење на довербата. Веќе неколку месеци инсистирам за што поскоро свикување на Меѓувладината комисија бидејќи тоа е најважниот инструмент кој што објективно проценува динамиката на имплементацијата и тоа не остава простор за субјективно толкување на динамиката. Ние сме посветени на имплементирање на Договорот, рече Османи на новинарско прашање по прес-конференцијата со главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, Зеф Мази.
Во однос на евентуално одвојување на Албанија и Северна Македонија, тој нагласи дека наша принципиелна позиција е дека земјата ги исполнува условите за старт на преговорите и Брисел треба да си го исполни ветувањето.
„Не сме против Тирана да ги започне преговорите, туку Северна Македонија не смее да не ги започне“, вели Османи.