На овој ден минатата година Република Северна Македонија стана 30 полноправна членка на НАТО и со тоа се исполни една од најважните стратешки цели на државата, која што не само што ја смени позицијата на државата на меѓународната политичка и безбедносна арена, туку ја смени и регионалната политичка и безбедносна динамика, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– И сите ние и граѓаните треба да бидат горди затоа што оваа генерација овозможи на наредните генерации да им се остави во наследство, стабилна, безбедна и просперитетна држава. Но, исто така вчера одебележавме уште еден јубилеј, а тоа е 20 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што ни укажува дека ни претстои уште една стратешка цел која што треба да ја исполниме, а тоа е членството во ЕУ, истакна Османи на прес-конференција по тематскиот работен состанок со шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претсавништва акредитирани во земјите членки на ЕУ и постојаните претставништва во Унијата и НАТО.
Тој нагласи дека токму и затоа денеска ги повикал нашите амбасадори, односно шефовите на дипломатско конзуларните претставништва од земјите членки на ЕУ за да разговараат за две прашања – за НАТО, но и за почетокот на преговорите за членство со Унијата.