Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави оти не мисли дека Република Северна Македонија и Албанија ќе бидат раздовени на патот кон ЕУ, оти тоа е погрешна дебата, како и дека не треба да се откажеме од можноста да се одржи меѓувладината конференција во јуни и да почнеме со разговори и со евентуална техничка влада во Бугарија за да се изнајде техничко решение за што веќе има политичка одлука.
-Прво, мислам дека погрешна е дебатата што се насочува во јавноста. Ова не е прашање дали Албанија ќе ги почне преговорите или не, тоа е прашање на Албанија. Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите, сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми, дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. И затоа во мојот говор реков дека овој ѕид за започнување на преговори не само што стана симбол на нашите европски аспирации, стана тест на кредибилитетот на ЕУ, изјави денеска Османи по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.
Очите на јавноста во регионот, на нашите граѓани, како што потенцираше, се на овој тест, на овој ѕид пред којшто е ставена Република Северна Македонија.
-Ние ќе продолжиме да работиме за започнување преговори, да ја искористиме шансата во јуни која се нуди пред нас. Мислам дека дебатата одвојување е погрешна, малите држави треба да се засновуваат на принципи и вредности, а не на тактики и на стратегии, рече Османи.
Потенцираше дека не сака да биде политичар кој во октомври трча и моли за раздвојување, а денеска моли да не се одвојуваме.
-Бидејќи не се држиме на принципите тогаш не можеме да морализираме зошто ЕУ не се држи на принципите во нашиот однос со Бугарија. И тогаш и сега сметам дека овој процес треба да се засновува на стриктни критериуми на исполнетост на условите. Република Северна Македонија ги исполни условите и испорача, на ред е ЕУ да испорача, рече Османи.
Во однос на стратегијата кон Бугарија, министерот за надворешни работи кажа дека нивна оценка било дека најширок прозорец со можност е јунско-јулскити самити и тие очекувања биле дека со завршување на изборите во Бугарија ќе се формира брзо институциите, ќе се ангажираме во суштински дијалог со нив со цел да се инајде решение коешто потоа ќе доведе до консензус во преговарачката рамка.
-Но, очеигледно таму се оди на техничка Влада и на предвремени избори. Меѓутоа, одлуката за првата меѓувладина конференција е техничка одлука бидејќи политичката одлука за почеток на преговори беше донесена во март минатата година, рече Османи, потенцирајќи дека треба да следи само техничка одлука за почеток на преговори.