Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, денес, на маргините на Дубровник форумот оствари средба со министерот за надворешни работи на Хеленската Република, Никос Дендиас.
Двајцата хомолози изразија задоволство од интензивниот политички дијалог и позитивната динамика во билатералните односи, за што говорат големиот број официјални и работни посети.
„Имаме Договор за стратешко партнерство кој треба да го имплементираме во позитивен дух и со добра волја со цел да обезбедиме чиста основа за непречена комуникација и на граѓаните и на бизнисот. Немаме дилема дека со продолжување на дијалогoт и заемната посветеност на исполнување на обврските преземени со договорот од Преспа, како и Акцискиот план за негова имплементација, се отвораат значајни дополнителни можности за унапредување на соработката која во континуитет ја надградува довербата меѓу двата соседи и претставува пример за добрососедски односи, пријателство и партнерство“ изјави министерот Османи на средбата.
Соговорниците посебно го поздравија досегашниот развој и постигнат напредок во економската област, пред се имајќи ги предвид проектите за поврзување и гасификација на земјата. Во таа смисла го поздравија потпишувањето на Договорот за заедничка изградба на Интерконекторот со Грција, кој ресорните министри го потпишаа на 9 јули во Атина, проект кој е значаен не само за двете држави, соседи, сојузници и партнери, туку и за целиот регион.
Министерот Османи упати благодарност за досегашната континуирана грчка поддршка во процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, при што е добиено уверување од министерот Дендиас дека таквата нема да отсуствува и за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.
Двајцата соговорници разменија мислења и за најновите состојби со пандемијата, ангажманите за справување со последиците, како и можностите на планот на туризмот.