Претседателот на државата треба да биде сврзно ткиво на различните политички и етнички наративи. Неговата улога е татко на нацијата и треба да е креатор и постојано да повикува на постигнување на државен консензус – државен политички консензус, меѓутоа и државен економски консензус. Пред се, консензус за забрзано членство во Европската Унија, истакнува во интервју за МИА претседателскиот кандидат на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи.

Тој наведува дека меѓу столбовите на неговата изборна програма ќе биде Европската Унија до 2030 година, ќе понуди повеќе интеграција пред членство во Унијата, а во интервјуто за МИА најави и иницирање на економски рамковен договор. Нагласува и дека се созреани условите граѓаните да гласаат за компетентноста, а не за етничка припадност и очекува поддршка од граѓаните од сите етнички заедници. Оценува дека постојат сериозни шанси граѓаните овој пат да ги надминат етничките линии и да се одлучат за кандидат којшто може да обезбеди прогрес на државата.

-Во мисијата и визијата на претседателот на државата според мојата перспектива е претседателот прво да биде компас на геостратешката ориентација на државата. Тоа е многу важно прашање посебно во услови на надворешни малигни влијанија. Второ, претседателот треба да биде сврзно ткиво на различните етнички и политички наративи. Северна Македонија е една од најуспешните функционални мултиетнички демократии не само во регионот, туку и пошироко. Столбот на стабилноста, на прогресот на оваа држава е меѓуетничката хармонија, функционалната мултиетничка демократија. Јас сметам дека претседателот на државата ја има таа улога да биде сврзно ткиво, да биде лепак на тие различни наративи коишто често може да бидат и контрадикторни. Меѓутоа, улогата на претседателот е од различностите да создаде предност, а тие различности дополнително да се поттикнуваат.  наведува Османи.

Тој наведе дека освен тоа што ќе се залага за членство до 2030, ќе го предложи и концептот повеќе интеграција пред членство, со цел, како што посочува, граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од преговорите со Европската Унија уште пред самото членство – пристап до фондовите, пристап до пазарот и пристап до политичките тела на Европската Унија.

-Потоа, предлагам економски рамковен договор како што постигнавме државен консензус по однос на Охридскиот рамковен договор – сите партии од целиот политички спектрум, ако треба и меѓународна помош. Меѓутоа, постигнавме одредени цели дека меѓуетничките односи ќе се развиваат во одреден правец и колку и да има незадоволство во моментот тоа е само перцепција, меѓутоа од перспектива на стратешкиот развој на државата мислам дека државата се стабилизираше и имаме меѓуетничка хармонија, функционална мултиетничка демократија за која што треба да се гордееме. Мислам дека сега е време да се концентрираме на економски рамковен договор, посочи Османи.