Северна Македонија преку организирањето на претстојниот Министерски совет се залага да ја врати суштината на ОБСЕ, а тоа е дијалогот, како предуслов за компромис и консензус, рече претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во предавањето пред студентите од американскиот „Јеил“ Универзитет.
Предавањето пред студентите по меѓународно право/прашања, беше на тема иднината на ОБСЕ.
Преку видео врска, Османи истакна дека времето во кое живееме, полно со безбедносни предизвици и непредвидливости, ја наметнува неопходноста за постоење на организацијата како што е ОБСЕ.
-Јас сум дел од луѓето што сметаат дека во случај да го немавме ОБСЕ, навистина ќе ни требаше да го создаваме, истакна министерот и ги образложи предизвиците со кои се соочува Организацијата поради немање консензус меѓу земјите учеснички.
Како што потенцира Османи, ОБСЕ, „како и секоја институција, не е цел сама по себе, туку средство и инструмент кој служи за постигнување на целта“.