Подготвени сме на искрени разговори со добра волја за постигнување на заемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, на собраниската седница на Комисијата за надворешна политика, зборувајќи за преговорите што се водат поинтензивно во последните недели за изнаоѓање решение за деблокирање на ЕУ агендата за нашата држава, јавува Плусинфо.
Тој рече дека процесот е сложен и дека немањето политичка влада во Бугарија е сериозна пречка, поради што не сакаат да ги подигаат очекувањата на граѓаните.
– Важно е да се нагласат следните факти и состојби. Прво – идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка посебност, Македонците, не се и не може да бидат на масата на преговори. Второ – сметаме дека предлогот на португалското претседателство претставува добра основа за преговори. Трето – настојуваме да се одржи втората меѓувладина седница меѓу двете држави од која треба да излезе соодветен протокол, а од него и акциски план, којшто треба да премине во патоказ. Четврто – комуникацијата се остварува на различни нивоа со цел да се засили целокупниот билатерален дијалог. Петто – целта е заедничка, одржување на првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ – нагласи Османи, кој се обрати на македонски јазик, посочувајќи дека тоа го прави поради загриженоста на македонските граѓани.
И да не се усвои преговарачката рамка во јуни, како што рече Османи, веќе е создаден доволно јасен терен со сензибилизација на нашите стратешки партнери и сите земји членки во ЕУ и напорите ќе продолжат веднаш по бугарските избори во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ.