Согласно предлогот на португалското претседателство со ЕУ за решавање на прашањето со Бугарија, а којшто се однесува на јазикот, е тоа прашање да се реши со две унилатерални изјави, и на Македонија и на Бугарија, појасни денеска во Охрид шефот на дипломатијата Бујар Османи, за тоа што содржи предлогот на претседателството со ЕУ во однос на македонскиот јазик.
-Од Македонија се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран во 1945 година, без други формулации. Додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес, рече Османи.
Според него, тоа е креативното решение што може да ги задоволи и да ги адресира сензитивностите на двете страни по однос на ова прашање и предлогот на претседателството, што ќе продолжи да се разгледува и во рамки на словенечкото претседателство, додавајќи оти тоа е единствениот предлог којшто е функционален на маса.
Османи изрази задоволство и дека во последните комуникации има и прогрес помеѓу страните по однос на дефинирање на патоказот.
–Во Софија беа разменети идеи по однос на содржината на патоказот. Потврдувам дека тоа што точките во јавноста се спомнуваат, се елаборираат се тие што ги разговараме за патоказот, но не разговараме билатерално за идентитетските атрибути бидејќи тие не се прашања што се предмет на билатерални спорови, рече Османи во однос на тоа што било разговарано на средбите на владината делегација за време на посетата на Софија на 17 јуни.
Повтори дека за прашањето за јазикот и идентитетските атрибути никогаш не е разговарано на билатерална основа.
-Тоа прашање единствено го третира предлогот на претседателството. Во Софија разговаравме, разменувавме идеи за содржината на патоказот и точките коишто ги има во јавноста и пораките од Бугарија што јас ги интерпретирав како позитивен одговор на тие предлози е таа содржина на патоказот. Меѓутоа, предлогот на претседателството е тоа што дефинира каде тој патоказ би бил сместен, рече Османи.
Повтори дека со Бугарија дијалогот ќе продолжи преку дипломатски канали и директно преку министерствата во однос на враќање на довербата.