Шефот на дипломатијата Бујар Османи оцени денеска дека постојат сериозни прозорци на можност да се дојде до решение со Бугарија до крајот на годината. Оцени и дека за да се дојде до решение од голема важност ќе биде и политичкиот контекст во Софија, односно дали ќе се формира влада или повторно ќе се оди на нови избори.
-Клучно ќе биде дали ќе има страна во Бугарија која ќе може да влезе во дијалог со нас во однос на овие прашања. Јас сум вечен оптимист, меѓутоа сметам дека има сериозни прозорци на можност до крајот на оваа година и сите се ангажирани. Прозорците се пред и по нашите избори, септември, октомври и декември, на кои ние таргетираме и мислиме дека постои шанса да се најде решение, но сакам да не се врзуваме со датуми поради тоа што општеството живее со тие рокови и со тие надежи и фрустрации на датуми и рокови, рече Османи.
Според Османи, очигледно е дека веќе ова прашање не зависи од нас и оти земјава ги исполни сите критериуми за започнување преговори и има јасно утврдени линии низ коишто не можеме се поминеме.
– Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивен партнер, да се обидеме да најдеме решение во рамки на позициите што ги има државата, но прашањето не е во наши раце, рече Османи.
Министерот посочи дека постои простор за решение, бидејќи веќе двете претходни претседателства со ЕУ, на Германија и на Португалија, успеаја да најдат решение коешто е прифатливо, и како што рече, само треба да има контекст којшто недостасува во моментов во Бугарија за да има постоење на институции, како и поголема политичка волја и ангажман да се дојде до решение.