Делегациите на Северна Македонија и Бугарија на маргините на Минхенската безбедносна конференција, денеска остварија средба на која беше изразено задоволство од процесот на динамизирање на билатералната соработка преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои до сега произлегоа од нивната работа, напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочувајќи дека на средбата биле дискутирани и разменетите предлози за унапредување на соработката во повеќе области.
– Во однос на пакетот политички прашања беше поздравена работата на експертските групи составени од претставници на министерствата за надворешни работи. Непосредната комуникација и секторската соработка е ефективен метод и како таков ќе продолжи да се користи во контекстот на продлабочување на односите и подигање на нивото на политички дијалог, пишува Османи.
Во однос на претстојната средба на Заедничката меѓудисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи на 24 и 25 февруари во Софија, министерот Османи, наведува дека е изразена надеж дека Комисијата ќе продолжи да работи во конструктивен амбиент и ќе покаже отвореност и добра волја за напредок и отворање на перспективи.
– Беше потенцирано дека трговската размена меѓу двете земји во текот на 2021 година достигна речиси 900 милиони долари и оствари раст од 32 отсто, со што се искачи на ниво повисоко од нивоата на трговска размена од пред појавата на пандемијата. Неизбежен дел од разговорите беше и безбедносната состојба во регионот на Западниот Балкан и Европа, при што се согласивме дека евроатлантската определба е извор и гарант на општата безбедност и сигурност, напиша Османи на Фејсбук.