Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред членовите на Комисијата за надворешна политика при Собранието, реферираше за преговорите помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Како што вели тој, никој не преговара за идентитетот, ниту има право за такво нешто, а во предлогот 5+1 нема ништо спектакуларно.

-Кога сме кај најчувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам: никој не преговара за идентитетски прашања. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашања ниту сме преговарале ниту имаме право да го направиме тоа, ниту некој некогаш ќе преговара, рече Османи во обраќањето.

Во врска со сетот политички прашања популарно наречен пакет 5+1, Османи рече дека во него се наоѓаат прашања важни и за нас и за Бугарија.

-За нас најважното прашање во тој пакет е токму имплементацијата на одлуката на Европскиот совет од март 2020 преку одржување на првата меѓувладина конфереција и притоа нашата клучна државна позиција е дека во самата преговарачка рамка македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на ЕУ без никакви додатни квалификации и прашања поставени од Р. Бугарија, рече Османи.