Најголемиот квалитет на оваа држава, кој макотрпно го изградивме е мултиетничката функционална демократија, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитувањето на вредностите на другиот и нема да дозволиме никој поради политички или други побуди да го загрози тоа што го постигнавме, изјави денеска министерот за надворешни работи во коментар на вчерашниот напад врз секретарот на Бугарскиот културен клуб во Охрид.

– Сакам да ја искористам оваа можност остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои што извршиле физички напад поради етнички, културен или било кои идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија, нагласи Османи, додавајќи дека во оваа држава никој не смее да биде нападнат заради погледи, мислења, ставови, чувства или идентитет.

Османи нагласи дека за ова прашање утрово телефонски разговарал и со неговиот бугарски колега, додавајќи дека напаѓачите се веќе идентификувани и се работи на нивно изведување пред лицето на правдата.

– Мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземат мерки, никогаш повторно да не се случи тоа, изјави Османи, додавајќи дека нема никакво оправдување за физичко насилство.

Запрашан дали се планира бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нонграта во земјава, Османи изјави дека МНР размислувало за тоа прашање, но се поставила дилемата дали со таквата постапка нема да се влезе во неговата приказна, да му се даде можност за промовирање и да се игра неговата игра.

– Мислам дека целта на господинот, колку што е да провоцира, е и да се промовира, да предизвика реакција кај нас и таа реакција да ја искористи во својата политичка промоција. Тој е маргинален лик, изјави Османи.

Тој нагласи дека партијата на Џамбаски на последните избори во Бугарија не влезе ни во Парламентот и на нив по секоја цена им треба внимание, а бидејќи не можат да го провлечат во нивната земја, се обидуваат тоа да го направат со провокации кај нас.

– Не сакаме да им дадеме премногу тежина на такви маргинални провокатори. Ако тоа беше изјава на министер, на пратеник во бугарското Собрание, тоа  ќе имаше други импликации. Меѓутоа ние сега да правиме приказни од провокатори, кои не ги сака ни нивното општество… Извинете, но не сакам да ја играм нивната игра, додаде Османи.