Нема никакво политичко влијание при изборот на компанијата Еуровиа за адаптација на салата Борис Трајковски за потребите нa Министерскиот состанок на ОБСЕ бидејќи понудила најниска цена што е единствен критериум таа да биде прифатена од страна на МНР. Секој друг избор би бил прекршување на законот и оштетување на буџетот, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-МНР нема избрано компанија, туку кога имате отворена постапка во којашто може да ви конкурира која било компанија и единствен критериум ви е 100 проценти цена, тоа што МНР прави е само ги рангира. Кога е 100 отсто цената, вие едноставно не одлучувате, не можете ниту да влијаете. И затоа темата политичко влијание е апсолутно неоснована бидејќи ние не одлучуваме ништо, ниту комисијата одлучува, ниту јас одлучувам. Едноставно се рангираат цените – таа што е прва. Во случајот и да беше еден денар, немавме можност за поинаков избор, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли, која е во работна посета на земјава.

Тој посочи дека денеска на негово барање целата документација во врска со понудата на Еуровиа ќе биде доставена до сите надлежни институции, како и до ДКСК, иако вели од нивна страна се уште нема барање за тоа. Коментарите на опозицијата во однос на овој тендер ги оцени како шпекулации.

– Затоа не ја разбирам реакцијата по однос на МНР. Може да ги прашате компаниите зошто понудиле такви цени, но МНР апсолутно нема никаква можност  да реагира. Ова е најважниот настан во историјата на државата, па и во мојата политичка кариера и никогаш не би ставил дамка на еден таков процес. Затоа им реков уште денеска на луѓето во МНР веднаш да ја пратат целата документација до ДКСК, до Обвинителството, до Државниот завод за ревизија бидејќи овој лов на вештерки е ок, но не може да и се нанесе толку штета на државата во најкритичен момент, на основа на шпекулативни изјави, појасни Османи.

Тој додаде дека нема основ за ветинг на компаниите, односно нема таков критериум во Законот за јавни набавки во којшто компаниите коишто донираат на политички партии не смеат да учествуваат на тендери.

– Ако прифати опозицијата, ако прифатат останатите политички партии – компаниите коишто донираат на партии, да мора да докажат дека донираат, бидејќи ние немаме таква информација. Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето, бидејќи ги очекував овие реакции и никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава. Нема никаков конфликт на интереси. Сум потпишал изјава под каква било одговорност и кривична и материјална и морална дека немам никаков конфликт на интерес. Единствено што се спомнува е дека роднина на сопственикот бил министер. Значи, прво – да, јас се знаев со покојниот Абдулаки Адеми којшто е покоен веќе шест години, не е министер од 2015 но, да се злоупотребува неговото име во овој контекст е некоректно. Ве уверувам дека процесот беше најтранспарентен, истакна Османи.

Потврди дека имало жалба во процесот од треторангираната компанија но оти Државната комисија донела решение дека од МНР направиле добар избор, и оти секој друг избор би бил незаконски.

– Знам дека темата е атрактивна, лесно се врзуваат работите во една голема конспирација. Но, можете да ме обвините за се, за корупција не може, ниту кога сум бил приватно лице, ниту како доктор, ниту како хирург, ниту како министер. Таа особина ја немам, посебно не за ваков важен настан и за мене и за Министерството и за државата, дециден е Османи.

Околу Самитот на ОБСЕ, како што посочи, ОБСЕ има цел правилник како треба да се организира конференцијата во делот на изборот на проектантска компанија и за тендерските спецификации согласно поставените стандарди. Изборот на салата „Борис Трајковски“ е на делегацијата на ОБСЕ од Виена која констатирала дека спортскиот центар со добра адаптација може да се преуреди, а за изградба на нов, кој би чинел над 10 милиони евра, ниту имало време, ниту доволно пари.

-МНР нема одлучено за ниту една работа. Прво, стандардите ги има утврдено ОБСЕ, комисија од Виена, дизајнот го има направено компанија. Компанијата е избрана според најниска цена, најтранспарентна можна процедура за да имаме најдобар можна конференција на ОБСЕ во декември. Навистина нема апсолутно ништо и не би дозволил за најголемата конференција во историјата на државата, во мојата политичка кариера да ставам дамка за да правам услуга на некој кој донирал некого – тоа е надвор од памет и надвор од начинот на којшто функционирам, повтори Османи.

Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за овој случај, за кој реагираше и опозицијата. Адаптацијата на спортскиот центар Борис Трајковски за самитот на ОБСЕ во декември чини околу 1,8 милиони евра.

Околу изборот на пи-ар компанијата „Рејтинг“, Османи денеска на прес-конференцијата рече дека таа е избрана уште во јануари затоа што  претседавањето со ОБСЕ е пред се и можност за промоција на државата, како и за поддршка во дизајнирање на логото и на пораките. Тој договор не е раскинат, функционира до крајот на годината.