Ако некој мисли дека ние сме требале да газиме по нашите црвени линии за некој да биде задоволен со датум, тоа не е нашиот став. Некој друг тоа може да го направи, но ние ќе се држиме до нашите позиции во Парламентот и поважни ни се овие принципи отколку еден ден повеќе или побрзо, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Коментирајќи ја изјавата на високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел, шефот на македонската дипломатија рече дека европретставникот не е одговорен за проширувањето во Европската Унија и не може од него да се очекува да даде ветување за датум, но дека неговата посета на земјава е значајна.

– И вчера кажав дека Борел не е одговорен за проширувањето во Европската унија. Одлуките за отпочнување на преговори и за проширување се носат од страна на 27-те земји членки, така што апсолутно сметам дека Борел со неговата посета на Скопје, како прва дестинација со цел да ја поздрави хармонизацијата на нашата надворешна политика со таа на Европската унија, беше исклучително важна, но од него не треба да се очекува да даде ветување. Ние имаме преземена обврска од 26 земји членки и имаме отворено прашање со Република Бугарија со која се обидуваме да го надминеме, рече Османи.

Според него, разговорите на работните групи формирани од страна на Северна Македонија и Бугарија се одвиваат со добра динамика. Наскоро се очекува состанок да одржи работната група за економски прашања, а пред некој ден состанок одржа и работната група за европски интеграции.

– Конструктивни се учесниците во тие работни групи, постојано се продуцираат нови проекти и сето тоа е многу важно за да се создаде една рамка на доверба во која потоа ќе се адресираат политичките прашања, оцени Османи.

Во однос на тоа дали може да се очекува директна финансиска помош од страна на Европската Унија во услови на економска криза, Османи рече дека ова прашање било покренато на средбите на премиерот Димитар Ковачевски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и со еврокомесарот Јоханес Хан, но оти досега нема повратен одговор кои се можностите на ЕУ да помогне со директна финансиска помош.