Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествувал на брифинг со заменик главниот преговарач и државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили и Мисијата на Северна Македонија при ЕУ за процесот на забрзана интеграција на земјата во ЕУ, соопшти МНР.

Османи, како што посочуваат од МНР, бил брифиран за последните одлуки во Брисел кои се во насока на поголема интеграција пред самото членство.

Во таа насока, Османи го поздравил усвојувањето на позициите на Европскиот парламент и на Советот за Реформскиот и Планот за раст на Западен Балкан.

-Со речиси едногласна поддршка, европратениците покажаа јасна посветеност за политиката на проширувањето и реформските процеси кои ќе ги зајакнат вредностите на ЕУ во регионот, фокусирајќи се на транспарентноста, владеењето на правото и економската интеграција, се наведува во соопштението од МНР.

Како што се посочува, се очекува до крајот на април годинава да се заврши процедурата за усвојување на оваа регулатива што ќе овозможи на земјите од регионот пристап до новиот финансиски инструмент во вредност од шест милијарди евра којшто ќе финансира спроведување на реформи – слично на инструментите достапни за земјите членки.

– Другиот дел од планот е наменет на пристапот на компаниите од Северна Македонија и регионот во единствениот пазар на Унијата, но и на придобивките за граѓаните на нашата земја. Во оваа фаза се дефинирани четири приоритети за таа цел: вклучување на банкарскиот систем на Северна Македонија во СЕПА – единствениот систем за плаќања на ЕУ,  зелени ленти со земјите членки, бесплатен пристап до интернет и пристап до дигитални иновативни хабови, се наведува во соопштението.

Со СЕПА, како што велат од МНР, конкретно се овозможува на граѓаните брзо и без провизија да префрлат средства/пари од банките во ЕУ до банките во Северна Македонија. Тоа, додаваат од МНР, ќе придонесе за голема заштеда за нашите граѓани, во време и пари, кои работат во една од 36-те земји учеснички во СЕПА.  

-Реформскиот и Планот за раст има за цел да поттикне социо-економски реформи во Западен Балкан и усогласување на политиките со ЕУ, поставувајќи јасна рамка која ја поврзува финансиската поддршка со јасни индикатори за напредок. Притоа, имајќи го предвид нашето лидерство во регионот по усогласувањето со ЗНБП, но и со визната политика на ЕУ, кои се и како предуслови за добивање на поддршка од овој нов инструмент на ЕУ, се наведува во соопштението.