Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со поранешните амбасадори на Република Северна Македонија во Република Бугарија –Никола Тодорчевски, Александар Василевски и Марјан Ѓорчев. Средбата беше реализирана како дел од пошироките консултации на министерот Османи со истакнати личности од областа на надворешната политика, а поврзано со актуелниот политички дијалог со Република Бугарија.
Османи ги запозна соговорниците со текот на разговорите, меѓусекторската соработка, рефлектирана преку воспоставените работни групи и континуираните средби на највисоко политичко ниво.
Беше нагласено дека надминувањето на отворените разлики, претставува стратешки интерес и за двете држави, за што постои цврста волја и посветеност, која може да се огледа во динамиката на дијалогот меѓу двете Влади и одржувањето на заедничката Владина седница, на крајот на јануари.
Османи изрази интерес за нивните ставови, имајќи го во предвид нивниот мандат во Софија и доброто познавање на земјата.
„Го ценам Вашето искуство и запознаеност со околностите во односите на нашата држава со Република Бугарија и во оваа фаза на разговори, секоја сугестија и размислување е добредојдена и корисна, со цел размена на мислења и креирање на кохезивност за клучните прашања од стратешки интерес за нашата држава“, заклучи Османи.
Воедно, министерот Османи ги информираше своите соговорници дека во тек е процедурата за назначување на нов амбасадор во Бугарија.