Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе учествува на министерскиот состанок за надворешни работи во рамките на германското претседателство со Берлинскиот процес во 2021 година. Состанокот ќе се одржи во видео формат, а со него ќе претседава германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.
Покрај министерот Османи, на состанокот ќе учествуваат министрите, учесници во процесот од земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија i Црна Гора и земји членки на ЕУ: Aвстрија, Бугарија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Обединетото Кралство. Донесените заклучоци од состанокот би требало да влезат во завршната Декларација на завршниот Самит на шефови на држави и влади, кој е планирано да се одржи на 5 јули оваа година.
Берлинскиот процес е инициран во 2014 година под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, како политичкa платформа за водење на политички дијалог на високо ниво помеѓу високите претставници на шесте земји од Западен Балкан и нивните хомолози од земјите членки на ЕУ домаќини на Берлинскиот процес, како и за продлабочување на регионалната политичка и социо-економска соработка. Процесот е насочен кон постигнување забрзан реформски напредок и економски развој во комплементарност со ЕУ пристапниот и интегративен процес.