Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Тема на денот во Дневникот на Сител рече дека е оптимист, дека Првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31 декември, доколку Бугарија дотогаш го тргне ветото, меѓутоа, во спротивно стравува дека спорот може да премине во замрзнат конфликт, а Република Македонија да стане изолирана во европските перспективи. Тоа нагласи тој, не е добро ниту за двете земји, ниту за регионот воопшто.
– Сите се свесни колку е важен 14 декември, но не само 14-ти, бидејќи и до 31 декември може словенечкото претседателство, доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото дури и на 30 декември словенечкиот министер за надворешни работи може да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, Република Македонија ќе стане изолирана во европските перспективи, изјави Османи.
Смета дека формирањето на новата Влада во Бугарија дава надеж суштински да се разговара меѓу, како што кажа, две стабилни влади.
Османи вели дека постои француска проактивност во изнаоѓање решение на овој спор.
– Се гледа една зголемена проактивност. Во услови кога Германија цел период беше на прва линија за да се деблокира процесот, сега ја имаме и Франција повеќе од било кога, рече Османи.