Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот грчки колега Никос Дендиас на денешната средба разговарале за случувањата во Авганистан при што се договориле да бидат во постојана комуникација, да ги следат состојбите и навремено да реагираат во случај на појава на одредени предизвици поврзани со евентуална хуманитарна криза.
Advertisements
-Го информирав за нашата одлука да прифатиме цивили од Авганистан со цел привремено згрижување овде пред се на жени и деца, меѓутоа констатиравме за можноста за потенцијална хуманитарна криза која што може да биде последица дали на политички или економски колапс во Авганистан кој што може да предизвикува потоа серија на други реакции и за што ние мора да соработуваме. Како што реков во моето воведно обраќање, како најблиски соседи со коишто заедно се справивме во текот на претходната мигрантска криза од 2015-2016, но и сега и како НАТО-партнери во регионот. Така што ќе бидеме во блиска комуникација, ќе ја следиме состојбата и во зависност од тоа како ќе се појават предизвиците заедно и ќе се справуваме, изјави Османи на прес-конференцијата по средбата.
Тој вели дека заедничката соработка ќе биде уште на повисоко ниво пред се поради унапредувањето на меѓусебните односи.
-Не случајно ја спомнав брзата реакција на противпожарните служби. Затоа се тоа конкретни реакции во коишто новото партнерство се покажува на дело. Донацијата на вакцините, поддршката за ЕУ, потпишување на Договорот за гасниот интерконектор, зголемување на трговската размена, се се тоа индикатори коишто не доаѓаат сами по себе. Тие не паѓаат од небо. Тие се рефлексија на добрите политички односи во кои вложуваме, кои ги негуваме на дневна основа. Се разбира, не секогаш во двете држави има политичка клима за поддршка на овие добри односи, но нашата улога е и во услови на неповолна клима да можеме да ја оствариме нашата визија. А визијата ни е јасна – стратешко партнерство меѓу нашите две држави, меѓусебна поддршка, економска соработка, рече министерот за надворешни работи Османи во одговор на новинарско прашање.