Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Индија, положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза во Калкута, изразувајќи најдлабока почит и гордост дека „најисклучителната жена во светот – светицата на целиот свет доаѓа токму од нашата земја“. Тој ја посети и црквата каде што Мајка Тереза го помина најголемиот дел од животот, кој не бил само нејзин дом, туку и дом на многу беспомошни и помалку привилегирани, соопшти МНР.
-Сведочејќи како изгледал нејзиниот живот, скромноста на една толку голема личност не остава никого индифирентен и без чувство на одговорност кон нејзиното наследство и мисија – да се помогне на најранливите и да се нахранат и најсиромашните, но не само со леб, како што знаеше таа да каже, туку и со љубов и почит, рече Османи на средба со сестрите на милосрдието, кои ја продолжуваат мисијата на Светата Тереза.
Министерот ги истакна и нејзините дела кои извираат историјата, културата и вредностите кои биле длабоко врежани во неа и на кои треба постојано да се потсетуваме – почит и толеранција.
– Од нејзиниот живот е очигледно дека Мајка Тереза се придржувала до екстремна флексибилност и приспособливост во однос на различните култури и етнички групи, карактеристики кои сум сигурен дека биле длабоко врежани во неа и во начинот на кој била воспитувана уште од најрана возраст од нејзиното семејство во Скопје. Овој концепт ги надмина и продолжува да ги премостува бариерите на религијата и етничката припадност и ги нагласува идеите за толеранција и хармонија во однос на сите различности, нагласи Османи.
На агендата на Османи се и средбите со градоначалникот на Калкута, Фирхад Хаким, како и со претседателката на Инвестицискиот Самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав.