По претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по новата блокада од Софија, порача дека соработката со САД, треба да заживее. Османи препознава нов пристап на американската администрација на Бајден.
„Како стратегиски партнери од 2008 -ма година, нашите намери се да ја заживеемe и прошириме нашата соработка како нови сојузници“, рече Османи.
Дел од експертите во изјавата на Пендаровски со која тој побара од државата да се фокусира на договорот со Вашингтон од пред 13 години, препознаваат разочараност кај шефот на државата, по серијата блокади од унијата за почеток на преговорите.
„Она што ние треба да имаме предвид е дека некои работи се сменети од тогаш. Ние станавме земја членка на НАТО, имаме значително сменета ситуација. Второ, сменета е администрацијата на САД која е во еден сосема нов однос со ЕУ и се обидува да изгради единствени ставови во врска со Западен Балкан“, вели Малинка Ристова – Јорданова, ЕПИ.
Ристова – Јорданова посочува дека кога Македонија се соочува со одреден сериозен проблем во надворешната политика, веднаш се бара алтернатива која би значела експресен спас од безизлезната ситуација.
„Мислам дека тоа не е решението. Треба да се има поопстојна стратегија на надворешна политика која јасно ќе ги постави насоките на дејствувањето и ќе нема нагли свртувања, бидејќи во никој случај не смее да ги запоставиме односите со државите членки на ЕУ особено не во оваа ситуација“, додава Ристова – Јорданова.
Пендаровски освен што повика да се интензивира соработката со САД, посочи и дека ова не значи занемарување на патот кон ЕУ. Иако прашавме и во кабинетот на претседателот Пендаровски и во американската амбасада, не добивме појаснување што значи точно изјавата на шефот на државата и кои се тие области од договорот со Вашингтон од 2008 – ма кои треба да се конкретизираат. Декларацијата за стратешко партнерство се потпиша по грчкото вето, за прием на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 – ма година. САД со договорот се обврза дека е гарнатор на безбедноста на земјава.