Шефот на дипломатијата Бујар Османи го повика денеска претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието, Антонио Милошоски до петок да закаже седница, каде би се презентирале тезите за упатување на амбасадорот во ЕУ.
-Упатувањето на амбасадор при Европската Унија е приоритет за земјата, особено во услови кога после 17 години ги започнавме преговорите. Делегации на преговарачката структура се посветени на сесиите на скрининг процесот, во период кога земјата треба да го покаже својот капацитет за реформи, но и капацитет да ја зголеми апсорпцијата на европските фондови што е директен интерес на секој граѓанин; период на преговори што во секоја земја – членка на Унијата е познат како период на политичка стабилизација и консензус за стратешките интереси низ целиот политички дијапазон, наведува Османи на Фејсбук.
Османи додава дека веќе следниот месец почнува и билатералниот скрининг за првиот кластер – Фундаментални вредности, потенцирајќи ја важноста, вели, на политички и општествен консензус по прашањето на нашите европски интеграции и да покажеме политичка зрелост пред граѓаните кои за тоа нѐ избрале.
-Затоа и изборот за следен амбасадор на земјата при Европската Унија е направен од редот на кариерните дипломати. Упатувањето на долгогодишен дипломат во Министерството за надворешни работи, за амбасадор при Европската унија не треба да се одложува, додава Османи.