Министерот за надворешни работи Бујар Османи, формираше работна група која ќе има задача за приклучување на Република Северна Македонија кон програмата на САД Visa Waiver, односно укинување на визите за државјаните на нашата земја.
„Формирав работна група во рамки на Министерството за надворешни работи што има за задача да работи на приклучувањето на Република Северна Македонија кон Visa Waiver Програмата на САД.
Процесот за укинување визи за нашите државјани за влез во САД е долгорочен и комплексен процес, но со оглед на нашите заложби за зајакнување на постоечкото сојузништво, создадени се условите да го започнеме овој процес. Најголема потврда за тоа е приклучувањето на нашата земја кон НАТО Алијансата, но и напредокот постигнат на полето на безбедноста, како надополнување на нашето стратешко партнерство со САД.
Успешното завршување на овој процес налага долгорочна и посветена работа, а постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за државјаните на двете пријателски земји. Дополнително тоа ќе создаде значителен позитивен ефект на економската соработка, демократскиот просперитет и развој, но сметаме дека и генерално ќе има позитивно влијание врз целиот Регион.
Ваквиот чекор е уште една потврда за посветеноста на Република Северна Македонија за градење стабилни билатерални односи со САД и зајакнување на нашето стратешко партнерство.