Министерот за надворешни работи Бујар Османи се огласи на социјалните мрежи и порача дека засега, формално, не е добиен Француски предлог за деблокадата од страна на Бугарија. Во целост неговото соопштение:
Почитувани, иако веќе неколку пати беше посочено во јавноста, сепак дозволете да посочам прецизно:
Прво – формално досега не е добиен Француски предлог како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите – членки на ЕУ, со кои ние сме во постојана комуникација; оттука нема можност било каков предлог да се достави до Собранието и/или неговите тела.
Второ – евентуален Протокол, кој се спомнува како веќе готов документ, можеби ќе преставува записник од одржување на Меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е предвидена со Договорот за пријателство од 2017 година. Засега е одржана само една седница на оваа Комисија во 2019 година, и овој записник, кој е единствениот Протокол засега, е јавно достапен веќе три години.
Оттука нема финализиран записник затоа што не е одржана втората седница на Меѓувладината комисија.
Јас секогаш сум одговарал позитивно на поканите за настап на Комисијата за надворешна политика, иако не секогаш таму сум се чувствувал добредојдено и пријатно, ниту, пак, сум наоѓал на соработка кога се работи за сослушување на избраните амбасадори.
Согласно Агендата, согласен сум наскоро да утврдиме термин и да ги преставам сите прашања од домен на надворешната политика, но притоа, да го повикам претседателот на Комисијата, да ја закаже седницата за избор на неколку клучни амбасадори чие упатување непотребно е стопирано преку незакажување седница на Комисијата за нивно сослушување.