Европската Унија треба ургетно да го деблокира почетокот на преговори со Македонија и со Албанија и не смее да дозволи Западен Балкан да го остави како отворено прашање и отворена рана, рече денеска на брифингот со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи, во однос на тоа колку е реално ситуацијата со Украина да се прелее на Балканот.
-Првиот чекор, ургентниот чекор што треба да се направи е веднаш да се деблокира почетокот на преговори за овие две држави за да можеме и ние да помогнеме да ги превенираме евентуалните влошувања на приликите во овие две прашања. Меѓутоа, во услови кога ние имаме наша ситуација не можеме да придонесеме како што треба ако членка на НАТО овде во регионот или пак подолг кандидат за ЕУ со искуство во овие процеси. Значи, првата одлука за да се спречи влошувањето и на ситуацијата во регионот е веднаш да се започнат преговорите со Македонија и со Албанија.
Според него, ситуацијата со Украина уште еднаш алармира до ЕУ дека не смее да го остави Западен Балкан како отворено прашање и отворена рана, и оти треба под итно да се преземат сите мерки за да во регионот се внесе нова динамика која што дополнително ќе ја зацврсти улогата на ЕУ на глобалната сцена.
-Порано реков, во своето тело ЕУ има една рана, а тоа е Западен Балкан. Не може да се бори против предизвиците на светско ниво додека таа рана и е во телото. И затоа мислам повеќе од кога било е неопходно ЕУ да смогне сили за да даде позитивна динамика во оваа слаба точка на Континентот што може да биде искористена за да се ослаби позицијата на ЕУ визави овој конфликт, рече шефот на дипломатијата.