ЕУ треба да ја врати европската перспектива на Западниот Балкан и да преземе стратешко лидерство кон регионот, исто како што тоа го направи во 2000 година со земјите на Источна и Централна Европа, бидејќи руската агресија ни покажа на најдобар начин која беше важноста на таа интеграција тогаш за денеска Европа да биде единствена и безбедна, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи во Сараево на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин вицепремиерката и министерка за надворешни работи Бисера Турковиќ.

– Амбицијата за членство во ЕУ е една од ретките точки која што не спојува во регионот и тоа не само што беше кохезивен фактор, туку беше и мотор за реформите во регионот.  Последните години како што ослабува таа јасна европска перспектива кон регионот, така ослабува и моќта на тој кохезивен фактор и се повеќе на површина излегуваат конфликтните наративи, пораст на национализмот, на националистичката реторика воопшто на Балканот, па и сецесионизмот. Мислам дека одговорот е јасен. За повторно да се врати таа кохезија меѓу народитетреба да се врати европската перспектива. ЕУ треба да преземе стратешко лидерство кон овој регион исто како што тоа го направи во 2000 година кон земјите на Источна и Централна Европа. Руската агресија ни покажа на најдобар начин која беше важноста на таа интеграција тогаш. за денеска Европа да биде единствена и безбедна, изјави Османи.

Во однос на очекувањата од француското претседателство со ЕУ, тој посочи дека е во комуникација со неговиот колега Жан-Ив Ле Дријан, посебно заради нашето досие за односите со Бугарија и очекува позитивен сигнал од Париз кон регионот.

– Очекувам француското претседателство да преземе одговорност во овој период, но се разбира тоа не зависи само од Франција, затоа што одлуките во Европскиот совет се носат едногласно и доволна е само една земја да го попречи процесот. Ако прашањето е кон Франција, јас сум повеќе од позитивен дека имаат силни намери во овој дел, оценува Османи.

Тој нагласи дека безрезервно ги поддржува европските и евроатланските аспирации на БиХ  и ја охрабрува да продолжи со своите залагања на тој план.

– Се надевам дека многу наскоро БиХ ќе добие кандидатски статус за членство во ЕУ, а ние сме подготвени да го споделиме нашето искуство во евроинтегративниот процес. Посебно сакам да го поздравам формирањето на  Комисијата за соработка со НАТО и ве охрабруваме да продолжете со заложбите за целосна понатамошна имплементација на реформската програма, рече Османи.

Тој изрази уверување дека и покрај фактот што сме преку 15 години земја со статус на кандидат процесот на европско интегрирање самиот по себе е силен поттик за спроведување на реформи кои се од суштинско значење за граѓаните и е најдобриот начин за сите земји од регионот да ги достигнат европски цивилизациски придобивки.