Законот за регистрација на здруженијата ќе оди на проверка во Венецијанска комисија. Ова го најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега, Николај Милков, по средбата во Софија. Шефот на македонската дипломатија, којшто е во дводневна посета на Бугарија рече дека ќе и предложи на Владата да го испрати новоусвоениот закон во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали има спорни точки во законот.
Пратениците во македонското Собрание минатата недела (2.11) со едногласна поддршка ги изгласаа законските измени чија цел е да се спречи повторувањето на досегашните примери на регистрација на здруженија и клубови кои предизвикуваат несогласувања и да се обезбеди правна заштита на уставниот поредок на државата. Со тоа земјата забрани основање на здруженија, организации и партии ако програмата и целите се насочени, меѓу другото, кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица што по кој било основа со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.
Со ваквите законски одредби се засегнати бугарските културни клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис трети“во Охрид кои во рок од три месеци треба да ги сменат спорните имиња или да се соочат со одлука за нивно згаснување.
„Во македонското Собрание беше донесен закон чија цел беше да се одговори на моментот и да се спречи саботирање на заедниците од страна на чинители“, вели Османи, потенцирајќи дека културно-информативните центри во Скопје и во Софија се начините за размена на културни и други информации меѓу двете страни. „Граѓаните имаат право да здружуваат, но во духот на пријателството и соработката“, порача тој.